Blog Maximilian

Алумни приказни: Разговор со Димитар Коларски

1. Можеш ли да ни го споделиш твоето искуство во Меѓународно училиште Максимилијан?
Јас имам неверојатно позитивно искуство во училиштето Максимилијан, посебно бидејќи отидов таму за да почувствувам нешто ново и многу покреативно од моето дотогашно школување. Сакав да учам на англиски јазик и да стекнам нови пријателства, а сé тоа потковано со квалитетен и исполнет образовен процес. Тоа е и описот на моето искуство кое го доживеав таму.
2. Дали и колку учењето во МУ Максимилијан те подготви за понатамошното школување?
Да, ми даде солидна и цврста основа за она што ме очекуваше понатаму. Ми отвори нови содржини, нов начин на учење во однос на мојата потреба јас самиот да барам и наоѓам теми кои ми помагаат и ме надоградуваат, а да не чекам да го учам само она што ми е понудено како сувопарна информација во книгите. Ми даде многу самодоверба и ме изгради на начин да верувам во себеси и во својот потенцијал, да не се срамам да го кажам на глас она што навистина го мислам.
3. Кои аспекти од наставната програма или наставниот пристап на Максимилијан сметаш дека биле особено корисни за тебе?
Целиот наставен пристап беше баш онаков каков што јас посакував да биде, односно , очекувањата ми беа целосно исполнети. Посебно ми се допаѓаше тоа што наставниците предаваа интересно и на начин кој не те остава да бидеш незаинтересиран , а исто така ме изненади и спремноста тие секогаш да ни бидат достапни, за кое и да е прашање. Така предадениот материјал, и со такво објаснување, не само што се учи лесно и брзо, туку засекогаш ти останува во меморијата.
4. Како би го опишал образовното искуство во Максимилијан?
Образовното искуство во Максимилијан јас би го опишал како многу задоволително и богато, бидејќи ги совладував новите теми со леснотија и заинтетесираност. Како резултат на интересните методи кои ги применуваа наставниците за да ни го приближат материјалот, новите содржини не ми беа тешки, здодевни или неразбирливи, туку ги совладував брзо и целосно. Тука се сретнав со образовна програма која ми овозможи да го совладам она што се очекуваше од тој степен на образование, а истовремено да имам основа за успешно продолжување понатаму во повисоките класови.
5. На кои начини Максимилијан го поддржа твојот личен и академски раст?
Училиштето Максимилијан ми овозможи индивидуален развој во смисла дека ми покажа како треба да изгледа вистинско училиште каде сите деца се среќни, каде нема разлики по ниту една основа, нема булинг, ниту незаслужено издвојување на поединци . По ова искуство станав многу посамоуверен, поотворен и оптимистичен, похрабар да го спроведам на дело она што мислам дека го знам и заслужувам. Од друга страна, ме созреа академски, ми го прошири видикот за тоа дека имам многу можности за понатамошното школување и развој, а не само оние кои ми се наметнати. Ми даде образовен компас за пронаоѓање на себеси во струката која ја избрав да биде моја професионална определба.
6.  Можеш ли да ни споделиш најубави искуства или достигнувања за време на учењето во Максимилијан?
Едни од поубавите искуства во Максимилијан ми се разговорите на англиски јазик, моето опуштање за конверзација за кое не верував дека може да го достигне тоа ниво, како и моето откритие дека математиката не била толку тешка….Сфатив дека јас можам да решавам без проблем и дека пречка ми било само некое погрешно размислување дека сé во врска со бројките е тешко. Ништо не е толку тешко да го научиме колку што може да биде нашето убедување дека не сме способни за тоа. Наставниците во Максимилијан ми го сменија убедувањето од не можам во можам сé.
7. Каков совет би им дале на сегашните ученици на Максимилијан?
Мојот совет за учениците на Максимилијан е : Деца, бидете благодарни што можете да учите, да се развивате и да напредувате во ваква прекрасна институција ! Имате прекрасни професори, интересна програма, можност за другарување и учење низ игра и ја имате Софија- најпрекрасната директорка на цел свет ❤
8. Зошто би го препорачал Максимилијан за ученици кои се во потрага по училиште во кое би го продолжиле своето образование?
На сите ученици кои го ставаат Максимилијан како опција за продолжување на образованието би им предложил воопшто да не размислуваат повеќе. Потрагата нека им заврши тука.  Тука ќе добијат квалитетно знаење, огромна можност за искажување на својата креативност, прифаќање од околината која работи тимски, и помош од сите во секој поглед. Тука владее професионализам, етичност и колективен дух. Тука има секогаш многу помош, поддршка, дружење и смеа. А тоа ни е потребно на сите, нели ?
9. Дали има нешто друго што би сакал да додадеш за твоето искуство во Максимилијан или за твоето образовно патување?
За крај би сакал само да ја искажам мојата благодарност и среќа што бев дел од вашето училиште, што ме прифативте како дел од семејството, што ми покажавте колку вредам и колку можам и ме подготвивте спремно да зачекорам во големата авантура наречена Живот.